| Заштитете го вашиот компјутер |
|
|
|
Доколку на еден компјутер се користи интернет, многу се големи шансите ненамерно да се закачи некој штетник за системот, кој може да прави некаква штета во позадина, без вие воопшто да знаете за тоа. Истово се случува и при размена на фајлови од еден компјутер на друг, на било кој начин. За таа цел, потребно е да преземете неколку чекори во насока на заштита на системот кој го користите, а некои од нив ќе треба и редовно да ги практикувате. Некои оперативни системи се повеќе изложени на напади од Интернет од други, но сите се соочуваат со опасности од ваков вид. Вие можете да допринесете во сигурноста на вашиот систем доколку се информирате за можните начини за ефективна заштита. 1. Не се поврзувајте на Интернет без антивирусен и антиспајуер софтвер (анг. spywere – софтвер кој собира лични податоци за корисникот додека тој прелистува на Интернет). Овие типови на програми го штитат системот од разни предизвикувачи на штета, а има и такви кои едновремено штитат од сите вакви штетници. Ваквите програми често не се бесплатни (Avira AntiVir PersonalEdition Premium, Symantec Endpoint Protection, Kaspersky Anti-Virus, Norton AntiVirus, BitDefender Antivirus, McAfee VirusScan Plus, Eset Nod32), но има и сосема функционални бесплатни програми од овој тип. Помеѓу антивирусните програми кои се бесплатни за преземање и користење, најдобри се: AntiVir, AVG Antivirus Free Edition, Avast и BitDefender, додека најдобри бесплатни програми за заштита од спајуер се: Spybot Search & Destroy, Ad-aware и Windows Defenender. После инсталацијата, овие програми веднаш треба да се освежат со нови дефиниции. Тие треба да работат постојано во позадина, а особено кога се пристапува на Интернет. Но, ваквите програми треба и да се одржуваат. Имено, како излегуваат нови штетници кои се шират и напаѓаат преку интернет, така од софтверските компании за безбедност на интернет излегуваат нови дефиниции за истите, со кои компјутерот треба редовно да се освежува. Ова најчесто е дефинирано од самите програми, иако по желба ова вие можете да го промените. Со антивирусната и антиспајуер програмата, пожелно е да го скенирате целиот компјутер барем еднаш неделно. Забелешка: користете ги овие програми редовно и како што треба. Но, не претерувајте, најчесто тие самите знаат како и што треба да работат и во никој случај не инсталирајте повеќе од еден ваков софтвер од секој тип со цел да бидете позаштитени. Со тоа можете да предизвикате спротивен ефект. 2. Оперативниот систем не е совршен. Тој има свои „дупки“, односно пропусти за кои на хакерите понекогаш им треба многу кратко време да ги пронајдат и искористат со цел да предизвикаат штета. Надградувањето на системот е во таа смисла многу важно бидејќи на тој начин, можете да бидете сигурни дека откриените дупки во системот се пополнети и со тоа можноста да се направи штета е помала. 3. Користете Огнен ѕид (анг. Firewall). Користењето на огнен ѕид овозможува следење на секое испраќање на податоци од или кон вашиот компјутер, проверка на легитимноста на ваквите акции и блокирање на пакетите со податоци кои се испратени од неавторизиран корисник. Постојат повеќе бесплатни и комерцијални огнени ѕидови, но доколку користите Windows оперативен систем, можете да го користите вградениот огнен ѕид Windows Firewall (се контролира преку Security Center од Control Panel). 4. За да се заштитите од ненамерно губење на податоците или оштетување на дел од нив како резултат на љубопитноста на вашите деца, не заборавајте да правите редовен бек ап (резервна копија) на важните фајлови кои ги чувате на компјутерот до кој пристап имаат и тие. Пожелно е да користите надворешна меморија за таа цел, а како софтвер за бек ап, можете да го изберете оној кој доаѓа со оперативниот систем, некој друг кој ќе го преземете од надворешен извор или пак да практикувате просто копирање на фајловите на друга локација. 5. Внимателно со лозинките. Обично луѓето мислат дека за да не ја заборават, лозинката треба да претставува некој лесен збор или фраза која има некакво значење за нив (на пр. името на домашното милениче). Но, ова е погрешно. Напротив, лозинките треба да претставуваат мешавина од бројки, букви, па и симболи и истите да не се повторуваат за сите сервиси на Интернет, за кои се бара регистрација како услов за користење. Кога ќе купите нов софтвер или хардвер пак, не заборавајте да ја смените фабрички зададената лозинка. Софтверот за родителска контрола врз активностите на децата додека се онлајн најчесто дозволува прилагодувања и промени кои се заштитуваат со лозинка со цел само родителот да има надлежност за вакви операции. Затоа, особено внимавајте со овие лозинки, нека тоа не бидат зборови, фрази, датуми на раѓање и сл. кои вашите деца лесно можат да ги погодат. |


