| Средба на НВО-ии во Меѓаши по повод формирање на мрежа за изведување на едукативни презентации |
|
|
|
Денес во Меѓаши беше одржана првата неформална средба помеѓу претставниците на повеќето НВО-ии од вкупно десетте кои ќе земат активно учество во изведувањето на едукативните презентации низ училиштата во Македонија кои треба да се реализираат до крајот на оваа учебна година.
Случувањето започна со претставување на претставниците од „Метаморфозис“ како носители на проектот и „Меѓаши“ како партнери во спроведувањето, но и како една од НВО-ии кои ќе земат учество во едукативните активности за заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет. Останатите организации кои со свој претставник учествуваа на средбата се: „Отворете ги прозорците“ и „Младински образовен форум“ од Скопје, „Младински Културен Центар“ - Битола, „Младински совет“ - Охрид, „Совет за заштита од малолетничка деликвенција“ - Кавадарци и „Центар за граѓански иницијативи“ - Прилеп. По запознавањето следуваше опис на фактичката ситуација околу користењето на интернет од страна на децата, позитивните аспекти на интернет како медиум и негативните последици кои можат да произлезат од неговата неправилна употреба. Како надоврзување на ова беа истакнати целите кои проектот се стреми да ги постигне и целните групи кои со него треба да се опфатат, активностите кои се веќе преземени во таа насока, како и потенцирање на оние кои допрва ќе следат. Потоа, вниманието беше насочено кон расветлување на деталите за формирање на мрежата од НВО-ии кои понатаму ќе треба да се грижат за спроведување на едукативните презентации низ училиштата, што всушност и беше повод за организираната средба. На крајот, беше презентиран веб-сајтот www.crisp.org.mk, односно www.bezbednonainternet.org.mk како главен ресурс за стекнување знаења од областа и тоа наменет на три категории на посетители, покрај останатите публикации кои пак беа претходно разгледани. Во идниот период НВО-ии треба да обезбедат по четири претставници кои ќе учествуваат на семинарот од едукативен карактер што ќе се случи на почетокот на мај, од кои по двајца се очекува да земат активно учество во презентирањето низ училиштата. |
| < Претходно | Следно > |
|---|


