| Вистинска случка од Австралија: пријателот на Џереми – онлајн намамување |
|
|
Иако интернетот можеш да го користиш за многу интересни и корисни работи како што се добивање информации за твоите училишни проекти, комуницирање со твоите блиски пријатели, онлајн учење, играње забавни видео игри и многу други работи, сепак треба да имаш на ум дека не секој се однесува морално и етички кога е онлајн. Треба да внимаваш каде и какви информации оставаш за себе и да бидеш претпазлив кога комуницираш во т.н. „соби за муабетење“ – да знаеш кому му се доверуваш, бидејќи личноста зад другиот монитор не секогаш е онаа која ти се претставува. Следнава вистинска приказна зборува токму за лажното претставување во „собите за муабетење“, каде што грешката на едно малолетно момче можела да доведе до катастрофални последици. Објавено во: Колибри, Нова Македонија Датум на објавување: 05-07.01.2010, вторник-четврток
Станува збор за Џереми - момче од Австралија кое имало проблеми и
тешкотии да се поврзе и здружи со децата од своето опкружување, а и на
училиште не му одело баш најдобро. Џереми доживувал секојдневни
изживувања и шеги на негова сметка, па својата утеха ја пронашол во
една онлајн видео игра каде што истовремено можело и да се комуницира
со другите играчи од целиот свет. На тие сервиси за муабетење тој се
запознал со друго момче, со кое пополека воспоставил многу близок
однос. Му ја раскажал својата тешка, безизлезна состојба и конечно
почнал да се чувствува дека пронашол некој што го разбира и подржува.
За нивните секојдневни муабетења не знаел никој, а сметајќи дека тие
имаат целосна доверба еден во друг, си ги размениле и имејл адресите и
броевите од мобилните телефони за да можат да комуницираат и кога
родителите ќе им наредат да се тргнат од компјутер.
Кога завршила школската година, Џереми бил поканет од страна на
неговиот онлајн пријател на гости, кој му кажал дека поканата е со
целосно одобрување од неговите родители. Тој ги претставил неговите
родители како многу кул луѓе и му рекол на Џереми дека мајка му ќе
плати за авионскиот билет. Штом Џереми го добил билетот по пошта, тој
без знаење на неговите родители, ја спакувал својата торба и заминал од
дома. При пристигнувањето во градот на неговиот другар, добил СМС
порака од него во која тој му предлага прво да се најдат во некој хотел
близу аеродромот, пред да одат кај него дома. Без да размисли, Џереми
се упатил кон хотелот, меѓутоа по пат тој бил запрен од полицијата која
била повикана од страна на неговите загрижени родители откако увиделе
дека го нема. Неговиот пријател, за кој тој претпоставувал дека е негов
врсник, всушност бил 40 годишен маж чија цел била да ја стекне неговата
доверба, а потоа да го злоупотреби. Австралиската влада го преземала
случајот по што престапникот ја добил својата законски утврдена казна.
Овој случај бил повод за Австралиската влада да изработи и мал проект со цел да ги заштити децата од ваквите случувања. Во следниот број на „Колибри“ подетално ќе можеш да прочиташ кои мерки и предлози ги дава Австралиската влада со цел секое дете само да може да процени како да не западне во ваков проблем и кои мерки треба да ги преземе доколку се наоѓа во еден таков. Продолжение... |
| < Претходно | Следно > |
|---|


